1. Одлука
Моменталната ситуација во која се наоѓаме сега во нашиот живот е резултат – плод на одлуките кои што сме ги донеле на свесно или пак несвесно ниво пред неколку години, а пак ситуацијата во која што ќе се наоѓаме после неколку години, исклучиво зависи од одлуките кои што ги носиме во моментов.
Внимавајте да не паднете во замката ‘’Не носам одлука’’, т.е. не превземам ништо – не носењето одлука е всушност одлука. Значи сте донеле одлука да продолжите да функционирате според предходно донесените одлуки.
Ако сакате да ја промените Вашата моментална состојба во животот, финансиска, умствена, физичка, да поминете од состојбата ‘’А’’ во состојбата ‘’Б’’ – таа во која што сакате да бидете или да прераснете во друга личност, мора да донесете одлука, се во животот започнува со одлука.
Наполеон Хил рекол: ‘’Се што човечкиот ум може да замисли и да поверува во истото, може и да го оствари’’, значи се што човекот ќе одлучи да направи, порано или подоцна, со помал или со поголем труд, во секој случај ќе го оствари.Не можеме да направиме нешто ако не одлучиме да го направиме тоа. Нека Ве води Вербата за Успех, а не сомнежот и стравот…
2. Цел
Дали може да погодите во нешто што не го гледате ? Исто е и во животот со нашите цели, не можеме да постигнеме нешто кое што не сме го дефинирале како цел. Човек без цел во животот е исто како авион без крајна дестинација за слетување, ќе лета низ облаците се додека има гориво и на крај ќе падне во некоја шума или океан. Затоа е од исклучителна важност во животот да имаме и да поставуваме постојано цели кои што ќе бидат нашата водилка.
Многу често во животот, огромен број на луѓе, над 95% ги помешуваат поимите ‘’Желба’’ и ‘’Цел’’. Едно е да посакуваме нешто и да очекуваме да се случи, а друго е прецизно да го дефинираме тоа што го сакаме, да го поставиме како Цел, во детали опишана да ја ставиме на лист хартија, да направиме план и да тргниме кон остварување на истата.
Според големината на поставените цели луѓето можеме да ги поделиме во 3 групи и тоа: Песимисти, Реалисти и Визионери. Песимистите се луѓе кои што секогаш размислуваат негативно, поставуваат цели од типот ‘’А’’, односно цели кои со 100% сигурност знаат како се остваруваат, дури и предходно ги имаат остварено. Тоа се работи кои што тие знаат како се прават, ги правеле и предходно, а повторно ги поставуваат како цели.
Поставувањето на ваков тип на цели и песимистичкото размислување никогаш нема да ја подобри нашата положба во животот и никогаш нема да го подобри квалитетот на нашиот живот.
Реалистите се луѓе на кои што најмногу им значи мислењето на другите луѓе, односно угледот кај другите луѓе, тие се движат според добро познатата фраза ‘’ Што ќе речат другите’’ и баш поради тие причини поставуваат цели кои што се лесно достижни и за кои што веќе имаат претстава како би ги постигнале.
Тоа се цели од типот ‘’Б’’ кои што кога ќе помислиме на нив не добиваме никаква возбуда околу тоа како ќе ги оствариме или пак со нивното остварувањене ја добиваме посакуваната положба во нашиот живот. Тоа се луѓе таканаречени ‘’Медиокритети’’ кои што секогаш сакаат да бидат во право и немаат големи амбиции.
Ако сакаме да бидеме успешни во животот треба да поставуваме високи цели, кои што незнаеме во моментот како ќе ги оствариме, но со константна работа, труд, посветеност и истрајност, на крајот секако ќе ги постигнеме и само тие цели ќе го подобрат стандардот и квалитетот на нашиот живот.
Секогаш тежнејте да припаѓате во третата група, тоа е групата на ‘’Визионери’’ или пак ‘’слепи следбеници’’ на Визионерите – најмалобројната група на луѓе во светот, околу 1 %, но тоа се луѓето кои што ја креираат иднината, иновациите, технолошките напредоци и новиот поредок во светот.
3. Знаење
Најголемата и најмоќната инвестиција која што можеме да ја направиме во животот е инвестицијата во себе. Незнаењето е корен на сите зла – Платон. Формалното образование може да ни овозможи да преживееме, неформалното образование – самоедукацијата ќе ни обезбеди богатство. Ако сакаме да ја промениме моменталната положба во која што се наоѓаме во нашиот живот мораме да акумулираме ново знаење, мораме да станеме подобри личности.
Досегашното знаење и досегашниот личен раст и развој не довеле до положбата во која сега се наоѓаме, новото знаење т.е. личниот развој ќе не однесе на друга повисока положба. Адекватно на ова не можеме да ги решиме проблемите со истиот ум со кој што сме ги создале, мораме да пораснеме како личности на повисоко ниво па да ги решиме тие проблеми. За акумулирање на ново знаење и станување на подобра и поуспешна личност, мораме да направиме инвестиција во време, пари, проширување на нашата комфорт зона и Баланс т.е. менаџирање на приоритети во животот.
Тајната на успешните луѓе е што континуирано апсорбираат ново знаење и никогаш не престануваат да работат на себе на својот личен раст и развој, поставуваат цел секој нареден ден да бидат барем за мал процент подобра личност од вчерашниот ден, не се споредуваат и натпреваруваат со никој друг, освен со самите себе.
Медалот се освојува на тренинг, на натпреварот само одиме по него.
4. Акција
Откако ќе донесеме одлука, односно ќе поставиме цел мораме да превземеме Акција за остварување на таа цел, ‘’Само дејствувањето носи резултат’’, се останато е само желба или сон. Ако нешто знаеме, а не го примениме е исто како да не го знаеме. Разликата помеѓу она што го сакате и она што го имате е во она што го правите. Тајната на успехот лежи во тоа што го работиме кога никој не не гледа. За да можеме да ја оствариме нашата цел и да ги превземеме вистинските активности мораме да дефинираме две работи, и тоа:
- да ги дефинираме точно кои се тие работи што треба да ги правиме за да можеме да ја оствариме нашата цел;
- вда ги дефинираме кои се тие работи кои што всушност ги правиме во моментов, секојдневно.
Колку побрзо и повеќе ги доближиме овие две положби, односно да почнеме секојдневно да ги работиме вистинските работи, толку сме поблиску до остварување на нашата цел. Самодисциплината е клучен елемент и еден од најважните за успех, тоа е една од заедничките карактеристики на најуспешните луѓе во светот.
Во секојдневните активности мораме да се однесуваме како работодавач, а не како работник, да не чекаме друг да ни кажува дека треба да ги завршиме нашите обврски, мораме да имаме самоинцијатива, огромна мотивација и доколку сакаме да постигнеме инзвонредни резултати мораме да бидеме посветени и конзистентни.
Не треба никогаш да се плашиме да превземеме акција, затоа што ние никогаш не губиме, или добиваме или учиме како треба наредниот пат.
5. Фокус
Многу полесно и побрзо се постигнува резултат и успех кога сме фокусирани во работењето отколку кога не сме, пример за тоа ни се сончевите зраци кои секојдневно не греат и осветлуваат и при тоа не запалуваат ништо околу нас, но само ако поставиме една лупа и снопот од зраци го фокусираме на лист хартија за кратко време ќе добиеме пламен. Ситни и мали секојдневни работи носат големи резултати.
Мораме да имаме листа на работи кои што доколку ги правиме редовно ни помагаат и сме поблиску до остварување на нашата цел и листа со работи кои доколку продолжиме да ги правиме не дефокусираат и не оддалечуваат од постигнување на нашата цел. За да бидеме максимално фокусирани и посветени во остварување на нашата животна цел, на нашите соништа, мораме да го имаме пронајдено нашето ‘’Зошто’’. Помалку е важно Што работиме и Како го работиме тоа, ако знаеме Зошто го работиме и дека постигнувањето на таа цел ќе ни донесе огромни резултати, ќе ни ги промени стандардите, квалитетот на живот, остварување на животните желби и сл.
Најдете ги и запишете ги сите оние работи за кои што навистина вреди да се посветите, за оние работи за кои ќе бидете благодарни доколку ја остварите Вашата цел, за животот кој што ќе може да го живеете, за местата кој што ќе може да ги посетите, за личноста во која што ќе се претворите, за инспирацијата која што ќи им ја пренесете и на другите околу Вас за промена.
Кога сме фокусирани на остварување на нашите цели не забораваме дека треба секојдневно да превземаме Акција, не забораваме дека секојдневно треба да акумулираме ново знаење, едноставно фокусот е тој кој што го дефинира правецот на нашето дејствување секој ден. Фокусот е тој што менаџира со нашето време, дали го трошиме времето на нехитни и небитни работи, на хитни но исто така небитни работи, или пак набрзина ги завршуваме хитните и битни работи, оние неодложните, а пак најголемиот акцент го ставаме на нехитни во моментот но многу битни работи за нашиот живот, нашата мисија, нашите цели, воопшто за сите оние работи кои што сме ги дефинирале во нашето ‘’Зошто’’.
Клучот до успехот е да се фокусираме на целите, а не на предизвиците и препреките.
6. Истрајност
Добрите работи им се случуваат на оние кои веруваат, уште подобри работи им се случуваат на оние кои се трпеливи и најдобрите работи им се случуваат на оние кои никогаш не се откажуваат. Истрајноста т.е. упорноста е еден од клучните елементи за остварување на нашите цели, можеме некогаш да завршиме 99% од потребните работи, но на 1% пред постигнувањето на успехот ако застанеме или се откажаме, се паѓа во вода, целиот ангажман од предходно е залуден.
За да бидеме истрајни во постигнувањето на нашата цел мора добро да ја разбереме следнава мисла ‘’Венчај се за процесот, а разведи се од резултатот’’. Значи биди посветен во работењето на предходните чекори, работи на личниот развој, работи на својата цел и успехот е неизбежен. Конзистентноста во работењето е важна затоа што не постои растение кое што доколку би престанале да го поливаме редовно, би продолжило да живее, а пак уште помалку да вегитира и расте.
Најдобар пример за истрајноста која што треба да ја имаме како карактеристика во нашиот животе кинескиот бамбус, растение кое што од моментот кога се посадува цели 4 години не вегитира над површината на почвата.
Во тие први 4 години кинескиот бамбус исклучиво само го развива кореновиот систем, под услов доколку редовно се полева со вода и добива хранливи материи преку почвата. Ако само одреден временски период во тие први години се прекине со процесот на полевање тоа ќе значи и уништување на тоа растение, но исто така и спротивното, доколку бидеме истрајни и полеваме континуирано до 5 – тата година, потоа бамбусот преку ноќ почнува да вегитира и тоа за само 5 недели израснува цели 27 метри, 40-45 см на ден, процес кој што дури можеме да го забележиме како се случува со нашите очи. Така е и со се во нашиот живот, бидете доволно време истрајни, полевајте редовно и неизбежно е дека ќе уживате во плодовите.
7. Успех
Успехот не доаѓа од тоа што го правиме понекогаш, успехот доаѓа од тоа што го правиме редовно. Успехот кај секој еден доаѓа преку ноќ, после одреден временски период работа преку ден. Не е дека успешните луѓе имале повеќе среќа, тие работеле неизмерно многу за да стигнат до тој успех.
Среќата е изговор на неуспешните за резултатите кои ги постигнуваат успешните. Треба да бидеме свесни дека не постои лифт до успехот, секогаш мора да одиме по скалите. Ако ги анализираме успешните луѓе лесно ќе утврдиме зошто тие успеваат, а другите не.
Тие успеваат затоа што се подготвени да направат работи кои другите луѓе не се, одат наспроти шансите за неуспех, не дозволуваат стравот, несигурноста и колебањето да ги спречи, секојдневно се мотивираат од нивните досегашни постигнувања, секогаш кога нема да успеат во нешто пробуваат повторно, уште еднаш и уште еднаш, онолку пати колку е потребно се додека не успеат, константно работат на себе, на сопствениот личен раст и развој, секојдневно се подобруваат и никогаш не се откажуваат, е затоа успешните луѓе Успеваат.
8. Верба
Човекот како живо битие функционира во животот односно прави или не прави нешто исклучиво врз основ на две работи, а тоа се Вербата и Стравот. Колку е стравот поголем толку е вербата помала, но и обратното колку е вербата поголема, толку е стравот помал. Значи можеме да дојдеме до заклучок дека тоа што го движи човекот, тоа што му дава енергија за живот, тоа што му дава мотивација за постигнување повеќе, тоа што е главниот двигател за се, е исклучиво Вербата и ништо друго.
Ако не веруваме дека заслужуваме и можеме да имаме подобар живот од тој што го живееме сега, нема да донесеме одлука да го промениме. Ако не веруваме во себе и во сопствените квалитети нема да поставиме цел. Ако не веруваме дека може да ја оствариме поставената цел нема континуирано да превземаме акција и да акумулираме ново знаење. Вербата е таа која што и во најтешките моменти ни дава сила и енергија да бидеме истрајни, да не застанеме и да постигнеме успех. Верувам значи постојам.
Вербата е клучниот елемент за постигнување успех, затоа Форд рекол: ‘’Ако верувате дека можете да успеете – во право сте, ако верувате дека не можете да успеете – пак сте во право’’, она во што верувате станува Вашата реалност. Ако веруваме дека ќе успееме во се околу нас ќе гледаме шанси, ако не веруваме и не обземат стравот и сомнежот во се околу нас ќе гледаме закани и препреки.
Нашите верувања се тие кои што ги контролираат и управуваат со нашите мисли, мислите влијаат на нашите чувства, односно на нашиот став и превземањето на активности, а пак од превземените активности произлегуваат резултатите кои што го дефинираат нашиот животен стил. Значи нашите верувања ни го одредуваат текот на животот, затоа најважната работа во животот на која што треба да работиме е Вербата, вербата во себе, вербата во невозможното над просечното…